Минималните трошоци на едно семејство во декември се зголемени за 840 денари во однос на ноември, покажуваат податоците со кои се пресметува висината на синдикалната потрошувачка кошничка.

Најмногу пари, односно 23.075 денари се потребни за храна и пијалоци или 36,7 отсто, за облека и обувки 5.728 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.020 денари или 9,6 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2.087 денари или 3,3 отсто, за здравје 1.135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4.727 денари или 7,5 отсто.

Ова значи дека на семејство каде двајцата родители се со плати од по 25.000 денари, ќе им недостасуваат речиси 12.800 денари за да го преживеат месецот за кој се потребни 62.861 денари.

За комуникации на едно семејство од четири членови во декември годинава му биле потребни 3.417 денари или 5,4 отсто, за рекреација и култура 4.458 денари или 7,1 отсто, за образование 6.984 денари или 11,1 отсто, за ресторани и хотели 4.131 денар или 6,6 отсто, а за останати стоки и услуги 1.100 денари или 1,7 отсто.

Според пресметките на ССМ, за оние семејства што живеат во стан под кирија потребни им се дополнителни 21 395 денари.

Граѓаните се жалат на скапотијата и велат дека едвај врзуваат крај со крај.

„Цените на храната, на горивото, на комуналните услуги се премногу високи. Не можеме да си ги покриеме основните потреби, а камоли да одиме на одмор или да купиме нешто ново. Преживуваме од плата до плата, а понекогаш и се позајмуваме пари“, вели Тања од Скопје.

И битолчанката Викторија, која работи како хигиеничарка, вели дека не стасуваат пари и дека често се позајмува од роднини и пријатели.

„Мојата плата е 28.000 денари. Мојот сопруг е пензионер и зема 16.000 денари. Имаме две деца кои учат во средно училиште. Секој месец мораме да платиме, за сметки, за превоз, за облека… За храна немаме повеќе од 10.000 денари. Не знам како воопшто издржуваме“, вели Викторија.

Од ССМ велат дека загрижува тоа што трговците го имаат искористено периодот пред стапување на сила на последната акција и, како што се наведува, евидентно ги имаат зголемено цените.