Економските експерти со поделени мислења околу предлогот за зголемување на ДДВ. Едни се против зголемувањето и сметаат дека тоа уште повеќе ќе ја зголеми сиромаштијата и сивата економија во државата, други, пак, сметаат дека потребно е да се зголемат даноците за да се намали државниот долг. Според нив, Владата тактизира и чека да поминат локалните избори, а потоа да го зголеми ДДВ. Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека зголеменото ДДВ уште повеќе ќе ја зголеми веќе огромната сиромаштија. Даночниот експерт Павле Гацов смета дека предлогот на Светска банка да се зголеми стапката на ДДВ е неконзистентен и е дополнителен ветер во грб на сивата економија. Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, смета дека мора да се зголемат даноците за да се покрие дупката во буџетот.
Не стивнуваат реакциите на јавноста за предлогот на Светска банка и на бизнисот за зголемување на стапката на ДДВ од 18 на 19 отсто. Економските експертите со поделени мислења околу предлогот за зголемување на ДДВ. Едни се против зголемувањето и сметаат дека тоа ќе удри по џебот на оние со помали приходи и уште повеќе ќе ја зголеми сиромаштијата и сивата економија во државата, други пак сметаат дека потребно е да се зголемат даноците за да се намали државниот долг. Според нив, Владата тактизира и чека да поминат локалните избори, а потоа да го зголеми ДДВ.
– Јас сум категорично против зголемувањето на ДДВ. ДДВ е данок на сиромашните. Тој се плаќа кога нешто се купува, а добро е познато дека сиромашните ги трошат сите пари што ги имаат, за разлика од богатите, кои трошат многу мал дел. Затоа, ако владата реши да го покачи ДДВ, тоа ќе биде даночење на сиромашните и уште повеќе ќе ја зголеми веќе огромната сиромаштија. Друг поврзан проблем е што покачувањето на ДДВ ќе ја зголеми и инфлацијата, која нè мачи веќе 2-3 години. Малку е контрадикторно Владата од една страна да воведува новогодишни кошнички, а од друга да покачува ДДВ, смета економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Според него, многу подобра опција е Владата да воведе прогресивен данок, на најбогатите кои се само еден отсто од населението, или прогресивен данок на добивка за фирмите со добивки поголеми од 10 милиони евра или да го направи траен солидарниот данок, кој го воведе претходната влада, кој беше своевиден прогресивен данок на добивка.
Даночниот експерт Павле Гацов смета дека предлогот на Светска банка да се зголеми стапката на ДДВ и да се укине повластената ДДВ стапка за најголем дел од т.н. „социјални производи“ е неконзистентен и е дополнителен ветер во грб на сивата економија.
-Граѓаните кои вршат услуги за странски компании или вршителите на нерегистрирана дејност најчесто парите ги подигаат во странство преку небанкарски портали, кои потоа ги користат без да платат ниту еден денар јавна давачка во корист на државата во која ги користат сите јавни услуги платени од џебот на редовните даночни обврзници. Градежниците, приватните доставувачи по пошта и вршителите на разни услуги, потоа малите дуќанчиња те гледаат како најголем шегобиец кога ќе им побараш фискална сметка. Светска банка би можела да обезбеди поддршка на нашите државни органи да спроведат алатки и механизми за системска борба против сивата економија. Потоа да обезбедат механизми за контрола на исплатите преку небанкарските платформи кои се користат за перење пари… Да го поддржат стартот на проектот е-фактура, да поттикнат воведување на е-платформи за е-залиха, е-фискална сметка, користење на компаниски мобилни телефони како POS терминали…, напиша на својот фејсбук-профил Гацов.
Тој смета дека зголемувањето на даноците ќе падне на товар на легалните даночни обврзници, а неформалната економија ќе стане уште поконкурентна бидејќи ќе остварува уште поголема заштеда во однос на редовните плаќачи, впрочем тие и така не плаќаат ништо на државата, а користат сè.
Сепак, дел од експертите сметаат дека е неопходно зголемување на даноците за да не се зголеми јавниот долг за плаќање на тековните обврски.
-Проблем е што во иднина ќе стасуваат сè повеќе обврски за плаќање на државата. Сите обврски се идни даноци. За да не се зголеми јавниот долг за плаќање на тековните обврски треба да се зголемат даноците. Македонија и во иднина ќе се соочува со проблемот како да се реши дупката во буџетот. Сè уште е непознато колкави ќе бидат обврските кои ќе стигнат за плаќање наредната година. Треба да се гледа на расходната страна, ако не може да се скрати на трошоци ќе мора да се задолжуваме, изјави за весникот ВЕЧЕР, Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Според него, со оглед на тоа дека буџетскиот дефицит ќе биде долгорочен, мора да се зголемат даноците за да се покрие дупката во буџетот.
-Мојот став е дека ДДВ треба да се зголеми барем на 20 отсто и тоа е заради големите инвестиции кои се во тек и кредитите кои се враќаат. Според мене неодржливо е овој степен на задолжување и инвестиции без зголемување на приходите по основ на данок и такси. Владата калкулира заради изборите на локално ниво следната година, ама треба да ја искористи сегашната доверба од граѓаните и слабата опозиција и да го зголеми ДДВ, смета аналитичарот Синиша Пекевски.