Дваесет и пет даночни обврзници од 1 јануари преминуваат во надлежност на Дирекцијата за големи даночни обврзници (ДГДО) при Управата за јавни приходи (УЈП). Тоа значи дека ќе бидат под посебен и персонализиран третман, со поголема поддршка и управување со нивните даночни права и обврски а истовремено, информира УЈП, се и стимулација на економската стабилност.
Директорката на УЈП, Елена Петрова денеска на настан по повод приемот на новите големи даночни обврзици што досега беа администрирани во другите регионалните дирекции на УЈП истакна дека тие стануваат дел од ТОП 300 најголеми даночни обврзници во земјата.
– ДГДО низ годините управува со мал број големи даночни обврзници од 130 до 430, но тие придонесуваат со висок процент од вкупните даночни приходи (од 38 проценти до 48 проценти), рече Петрова, пренесува УЈП во соопштение.
Таа додаде дека преминот во ДГДО е само почеток на едно партнерство на доверба и професионализам, кон постигнување на највисоките стандарди на даночна усогласеност и успешното исполнување на даночните обврски.
-Персонализираниот однос со големите даночни обврзници вклучува не само директни контакти преку контакт лица, туку и редовни средби, состаноци и посети, како и внимателно следење на специфичните даночни ризици на секој обврзник. ДГДО ги следи сите фактори што можат да влијаат на даночната усогласеност, како што се инвестиции, трансакции со нерезиденти, трансакции со поврзани лица, како и активности во технолошко-индустриска развојна зона. Персонализацијата во односите со големите даночни обврзници како принцип овозможува ефикасност и ефективност на ресурсите на УЈП, истакна Петрова.
Таквата соработка, како што додаде Петрова, создава услови за подобро разбирање и соработка, што води до меѓусебна доверба и транспарентност помеѓу УЈП и даночните обврзници.
Од УЈП истакнуваат дека меѓусебниот кредибилитет и задоволство се основни принципи кои влијаат на поддршката и поттикнувањето на доброволната даночна усогласеност. Преку ова партнерство, посочуваат, УЈП и големите даночни обврзници ќе продолжат заедно да градат стабилен и транспарентен даночен систем.
Управникот на Дирекцијата за големи даночни обврзници (ДГДО) Пепина Змејковска, на новите даночни обврзници им порача дека ДГДО е со широко отворени врати за максимална поддршка преку партнерството на цврста основа.
– Вашиот данок, платен на време, значи иднина за државата! Во насока и во согласност со Програмата за работа на Владата 2024-2028 година предвидени се повеќе реформи дигитализација на даночните процедури со цел искористување на ресурсите а со тоа и даноците да се плаќаат со што е можно помалку вложен труд. Дирекцијата со сите преземени мерки ќе ги зголеми приходите преку процесот на модернизација и оптимизација на системот за наплата, и на тој начин ќе постигнеме зајакнување на нашите интерни капацитети како даночен орган, истакна Змејковска.
УЈП укажува дека големите даночни обврзници претставуваат основен столб во собирањето на даночните приходи во секоја земја и оти нивното значење не произлегува само од големината на нивниот промет, туку и од нивната комплексност и специфичност, што ги прави особено важни за економија во земјава.