Бранот на отпуштања во технолошкиот сектор сè уште е силен, а годинава се забележани повеќе од 130.000 отпуштања во 457 компании, покажуваат податоците на порталот Layoffs, кој ги следи отпуштањата.
Големите компании како Тесла, Амазон, Гугл, Тикток, Снеп и Мајкрософт отпуштија значителен број работници во првите месеци од 2024 година, а помалите стартап фирми исто така беа принудени да направат кратења, додека во некои случаи тие целосно престанаа да работат.
Најлош месец за голем број вработени во технолошкиот сектор бил јануари, кога биле отпуштени 34.107 работници, а потоа следуваат август со 26.024 отпуштања и април, при што биле отпуштени 22.423 луѓе.
Следејќи ги овие отпуштања, можеме да го разбереме влијанието врз иновациите кај големите и малите компании, како и пенетрацијата на вештачката интелигенција (ВИ) во работните места за кои претходно се мислеше дека се заштитени од надворешни влијанија, додава технолошкиот портал.
На пример, платформата за учење јазици Duolingo потврди дека отпуштила 10 отсто од своите вработени бидејќи повеќе ќе користи вештачка интелигенција за да го насочи производството на содржини и преводите што претходно ги правеле луѓе, пренесува Танјуг.