Премиерот најави измени во делот од Законот за работни односи, каде се уредува работата во недела. Измени треба да има, согласни се и синдикатите и работодавачите. Неработењето во недела нема да го намали обемот на работа и профит на трговците, сметаат економистите…

Потребни се измени на Законот за работни односи во делот на работењето во недела. Синдикатите бараат листата на дејности кои работат во недела да се минимизира, бизнис заедницата бара да нема ограничување по дејности за работат во недела.

Дали ќе бидат една ипол или две дневници за работа во недела не менува ништо, ова е обид за намалување на работничките права, велат од „Гласен синдикат“, еден од предлагачите на законските измени во 2021-ва година

Продавниците во трговските центри три години се единствени кои работат во недела. Според економистите нема да има намалување на прометот доколку во недела не работи ниту една продавница

Според сегашното законско решение недела е работен ден за 41 дејност каде не може да се прекине работниот процес. Дали недела ќе биде работен или неработен ден, Владата ќе одлучи по состанокот на Економско – социјалниот совет во втората половина на јануари.