Државниот завод за статистика објави дека заклучно со септември минатата година во хотелско-угостителскиот сектор се слеале 270,2 милиони евра односно толку пари потрошиле граѓаните и туристите кои ја посетиле Македонија.

Угостителите и хотелиерите имаат остварено поголем приход отколку претходната година во истиот период од 9 месеци. Приходот во 2023 година заклучно со септември бил 246,5 милиони евра, или за 23,7 милиони евра помалку од оној во 2024 година за истиот период. Сепак, мора да се земе предвид дека дел од растот на приходот се должи на инфлацијата којашто во угостителскиот сектор во деветте месеци од 2024 година во однос на деветте месеци од 2023 година изнесувала 5,5 отсто. Но, дури и да се додаде тој процент на прометот за периодот од јануари до септември 2023 година ќе се добијат 260 милиони евра, што пак е помалку од ланскиот приход од 270,2 милиони евра, покажува пресметката на порталот Пари.

Минатата година, за девет месеци за храна и за напивки се потрошени 146,1 милиони евра, а годината пред тоа, во истиот период, биле потрошени 131,3 милиони евра. Математиките се исти, растот на приходите делумно се должи на инфлацијата, а делумно на тоа што повеќе се одело по кафеани и кафулиња.

На разни пијалаци во угостителските објекти македонските граѓани и туристите лани за 9 месеци потрошиле 56,8 милиони евра, а преклани 52,9 милиони.

Ноќевањата на туристите, домашни и странски, ги чинеле 51,2 милиони евра лани и 44,3 милиони евра годината пред неа.