Трендот на капитални текови од странство за купување на недвижен имот во Грција продолжува да се зголемува и во 2024-та година, покажуваат податоците на Централната банка на Грција.
Вкупно 1,9 милијарди евра се инвестирани во првите девет месеци од минатата година, што е зголемување од 17 отсто во однос на истиот период во 2023-та година, пишува грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на банкарски податоци.
Во 2023-та година странските инвестиции на грчкиот пазар на недвижности изнесуваат 2 милијарди евра, па 2024-та ќе означи нов историски врв.
Сликата се гледа и во податоците за странските директни инвестиции, каде што недвижностите достигнаа учество од 62%. Податоците на Банката на Грција покажуваат дека вкупните странски директни инвестиции за периодот од јануари до септември изнесуваат 3,1 милијарди евра, со пад од 15% на годишна основа, продолжувајќи го трендот на намалување во последните години.
Во истиот период лани странските инвестиции достигнаа 3,66 милијарди евра, а во 2022-ра тие изнесуваа 6,43 милијарди евра.
Ваквиот развој, заедно со зголемувањето на инвестициите во недвижности, ја прави зависноста на странските директни инвестиции од пазарот на недвижности многу поголема од вообичаеното. Претходните години имаа учество од 20%-25%.
Се очекува оваа година значително да се намали купувањето на имот од странци поради наметнатите измени во програмата „Златна виза“ и краткорочните изнајмувања. Според пазарните аналитичари, овие ограничувања ќе ја намалат побарувачката за инвестиции од странство и ќе биде потребно извесно време за да се прилагодат на новата средина.
Се очекува мешавината на странски инвеститори кои ќе покажат интерес за инвестирање на грчкиот пазар да се промени – наместо помалите инвеститори да се интересираат за станови, тие постепено ќе почнат да се фокусираат на учество во градежни проекти за станови, туристички имоти, логистички области и други категории на имот. Ќе има и такви кои ќе бараат имоти за сопствена употреба, а на прво место ќе бидат викендичките.
Овие инвестиции имаат многу поголема додадена вредност за стопанството од купувањето на готов имот. Но, ќе помине многу време додека овие проекти созреваат. Оттука, очекувањата се дека падот на странските директни инвестиции генерално ќе продолжи и во наредните години, доколку не се врати негативниот тренд досега.