Рафинерија за нафта во индустриската зона кај Панчево во близина на Белград, 22 јануари 2008 г.

Поради сопственичкиот удел на руската компанија Гаспром нефт, Нафтената индустрија на Србија (НИС) заврши на американската „црна листа“ со санкции, објави на 10 јануари Министерството за финансии на САД.

Компанијата НИС е санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со рускиот Гаспром нефт.

Нафтената индустрија на Србија се најде на листата од шест компании кои се „во сопственост или поф контролира, делуваат или наводно дејствуваат за или во име, директно или индиректно, со Гаспром нефт“.

По објавата од американското Министерство за финансии, српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција на 10 јануари рече дека станува збор за „строги и сериозни санкции“ и дека се бара „целосно повлекување на Русија од сопственоста во НИС“.

„Тие не даваат можност од 49 проценти или помалку руски капитал“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека пред Србија се поставени рокови за трансформација во сопственичката структура на НИС.

„Ќе имаме само 45 календарски денови за сите операции“, рече Вучиќ, додавајќи дека за тоа време „мора да се заврши потпишувањето на каков било договор со руската страна, како и да се заврши она што се нарекува ’затворање‘ (closing)“.

Според Вучиќ, по тој период санкциите ќе бидат воведени „во целост“.

Тој изјави дека НИС ќе може да работи само „редовно“ и дека трансформацијата на сопственоста мора да започне веднаш.

„Планот за трансформација на сопственоста мора да биде одобрен од OFAC (во рамките на Министерството за финансии на САД) и американската влада“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека САД најавиле можност за консултации со Србија во врска со санкциите што, рече, „ќе го искористиме утре“.

Вучиќ додаде дека Велика Британија наскоро ќе се приклучи на санкциите.

Руската државна компанија Газпром нефт и нејзината матична компанија Газпром имаат мнозинска сопственост во НИС од 56,15 отсто од 2008 година, додека 29,87 отсто е во сопственост на Србија.

Американското Министерство за финансии соопшти дека презело сеопфатни мерки за исполнување на обврската на земјите од Г7 за намалување на руските енергетски приходи што се користат за војната против Украина.

Стејт департментот на САД воведе санкции за голем број бродови што пренесуваат нафта, руски трговци со нафта, добавувачи на нафта со седиште во Русија и руски енергетски службеници.

„САД преземаат сеопфатна акција против клучниот руски извор на приходи преку кој ја финансира својата брутална и нелегална војна против Украина“, наведе во соопштението министерката за финансии Џенет Јелен.

Стејт департментот, како што се наведува, исто така презема чекори за намалување на енергетските приходи на Русија со блокирање на два активни проекти за течен природен гас, голем руски нафтен проект и ентитети од трети земји кои го поддржуваат рускиот извоз на енергија.

Инаку, српската влада донесе одлука за формирање на Координативно тело за обезбедување на сигурно снабдување со нафта и гас поради, како што е наведено, потенцијалното воведување на американските санкции за НИС.

Во деновите пред воведувањето на санкциите, генералниот секретар на Здружението на нафтени компании во Србија, Томислав Миќовиќ, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека потенцијалните санкции ќе влијаат на српскиот пазар на нафтени деривати, но дека има решенија за сите пречки кои би можеле да се јават и оти снабдувањето на пазарот нема да биде нарушено.

„Убеден сум дека овие санкции, доколку ги има, какви и да се, не се насочени против Србија. И затоа верувам дека ќе се најде решение за да се обезбеди сигурно снабдување на домашниот пазар“, изјави Миќовиќ за РСЕ.