Намален обем на нарачки имаат дел од македонските текстилни компании заради економската криза во Германија, каде завршува над 70 насто од нашето текстилно производство. Текстилниот сектор се мачи и со недостиг на работна сила, слаба продуктивност и високи трошоци кои го прават неконкурентен за соработка со странските партнери…

Кризата во Германија се рефлектира врз работата на македонските текстилни компании кои традиционално се поврзани со овој пазар и зависат од нарачките од германските партнери. Обемот на работа е намален за околу 30 насто и неколку компании престанаа со работа, велат од текстилниот кластер.

Кризата во македонскиот текстил почна од пандемијата и продолжи со енергетската криза и војната во Украина. Најпогодени се конфекциите кои не се високо технолошки опремени. Решението е во вложување во технологија и подигање на продуктивноста, за лон производството да не е единствена опција.

Финансиската криза во Германија не е единствена причина за тонење на македонскиот текстил кој со години се соочува со недостиг на кадар и ниска продуктивност. Конфекционерите немаат големи очекувања од најавените поволни кредити.