Владата на Србија најдоцна следната недела ќе разгледува законско решение за станбени кредити за млади со државни субвенции. Се очекува предлог-законот да се најде пред пратениците во српскиот парламент во февруари. Како што е најавено, во таа програма ќе биде вклучена и приватна банка, заедно со Поштанска штединица. Генералниот директор на Секторот за банкарска контрола на НБС, Дарко Стаменковиќ за РТС изјави дека се подготвува предлог-законот за гарантна шема за станбени кредити за млади, кој наскоро треба да се најде на седница на Владата, пренесува Данас. Тој посочи дека клучниот проблем со кој се соочуваат младите при земањето станбен кредит е вообичаениот аванс од 20 отсто.

„Народната банка на Србија обезбеди учество од 10 проценти и одреден број банки ја прифатија таа програма. Но, и таа сума може да биде непремостлива пречка за купување на првата станбена недвижност. Првиот клучен елемент на оваа владина програма е намалувањето на само еден процент од вредноста на недвижностите“, рече Стаменковиќ.

За да купите стан од 75.000 евра ќе ви треба аванс од 750 евра, а државата ќе субвенционира камата за првите шест години од отплатата на кредитот.