Дали 2024 година беше годината кога акциите во регионот Адрија овозможија импресивен раст и на инвеститорите им обезбедија фантастична заработка? Повеќе компании ги надминаа сите очекувања и ги изненадија дури и најискусните инвеститори. Додека глобалната економија се бореше со предизвици, пазарите во овој регион забележаа раст, со кој особено се истакна Македонската берза.
Регионот Адрија во 2024 година може да се пофали со неверојатен ценовен раст на акциите на повеќе компании. Компании од различни индустрии, од технологија и енергетика до финансии и производство, не само што бележат раст на вредноста на акциите, туку поставија и вистински рекорди.
Порталот Пари направи анализа за да открие кои компании се вистински шампиони во регионот Адрија според растот на вредноста на нивните акции во минатата година. Што стои зад нивниот успех? Дали тој е резултат на стратегиски потези или, едноставно, на совршен тајминг?
Анализата покажа дека дваесет компании се вистински шампиони со раст на цената на нивните акции од 80 насто до фантастични 995 насто.
Убедливо најголем раст на цената на акцијата има српската компанија Путеви од Пожега, која во 2024 година беше предмет на преземање од страна на друга компанија Путеви од Ужице. И оваа компанија бележи рекорден раст на цената на акцијата од дури 135,79 насто. И двете компании се занимаваат со изградба и одржување на патишта.
На листата на дваесет компании со најголем раст на цената на акциите се и пет банки, меѓу кои со растот на цената на акцијата предничи Подравска банка од Хрватска. Таа е на второ место на листата на 20 берзански шампиони, со раст на цената на акцијата од 164,5 насто.
Меѓу останатите четири банки дури три се од Македонија. Стопанска банка ‒ Скопје бележи раст на цената на акцијата во минатата година од 125,1 насто, Комерцијална банка ‒ Скопје има ценовен раст на акцијата од 99,3 насто, а НЛБ банка ‒ Скопје ја заврши 2024 година со зголемена вредност на акцијата за 89,22 насто. Во ова друштво влезе и Слатинска банка од Хрватска, чија акција забележа ценовен раст од 87,36 насто.
Трите македонските банки се единствените претставници на земјава во ова елитно друштво. Од дваесетте компании со најголем раст на акцијата по шест се од Србија и од Хрватска, а пет се од Босна и Херцеговина, кои котираат на Сараевската берза.
Од финансискиот сектор има и три осигурителни компании чии акции лани остварија фантастичен ценовен раст. Тие се: сараевската Босна реосигурање, српската АМС осигурање и хрватската Кроација осигурање.
Овие дваесет компании бележат огромен раст на цената на нивната акција во услови кога берзите на кои котираат, со исклучок на Македонската берза, имаат поскромни резултати. Македонскиот берзански индекс предводи во регионот со годишен раст од 65,99 насто. Главниот индекс на Љубљанската берза порасна за 34,23 насто, а на Белградската берза за 30,6 насто. Crobex-индексот на Хрватска берза бележи раст од 25,9 насто, а главниот индекс на Сараевската берза од 17,36 насто. Берзата во Подгорица во 2024 година забележа раст на вредноста на главниот берзански индекс од скромни 2,1 насто.
Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/koi-akcii-