Трендот на раст на цените на становите никако да запре. Само во последните три месеци од минатата година цените скокнале за 10.6% споредено со истиот квартал во 2023. Недвижностите можат само да се продаваат исто или да поскапуваат, но никако и да поевтинат – велат градежниците. Причините „лежат“ во поскапените градежни матријали, работна рака, како и услуги. Најголем проблем е што има се помалку локации за градење, што прави притисок врз цените да одат нагоре. Од Градежната комора велат дека пресудно е општините да носат ДУП-ви, во спротивно нерамнотежата на пазарот ќе продолжи и цените и натаму ќе растат.
„Во централното градско подрачје кое опфаќа Центар, Карпош, Кисела Вода и Аеродром секаде се проследува ова како проблем. Најголем дел кадешто во минатото се укинуваа ДУП-ови беше во општините Карпош и Центар и сето тоа направи комплетен дисбаланс на пазарот, недоволна понуда, со тоа и зголемена цена на недвижности“ – вели Ивица Јакимовски – Градежна комора при Сојуз на стопански комори.
Ако се разгледаат огласите за продажба, речиси и да не може да се најде нов стан во Центар за помалку од две илјади евра, а оние поексклузивните се продават и за повеќе од 2.500 евра/м2. Меѓу поатрактивните населби е и Карпош кадешто се продаваат и последните новоградби за 1.800 евра/м2 и тоа на пооддалечените локации. Во оние згради кои во моментов почнуваат да се градат, становите се продаваат за 2.000 евра/м2. Нешто поевтино е ако евентуално се купи стар стан, па заедно со реновирањето, повторно се доаѓа до некоја сума од 1800 до 2000 евра за метар квадратен. Цените на становите во некои делови на Скопје бележат раст до 30% во последните две години, со особено значително поскапување во населбите Чаир и Бутел. Од Градежната комора велат дека новоградбите прават притисок, па поскапуваат и старите станови и дека во иднина достапноста на станови за купување за граѓаните ќе биде се помала. Очекувањата се се повеќе граѓани да живеат под кирија, а не да купуваат дом за себе.
„Ќе одиме кон трендот што се одвива во ЕУ, кадешто ако анализираме во Германија и Швајцарија имаме 50% недвижност под сопственост, а останатите 50% се дава под рента. Понатаму во која насока ќе се движиме се додека не се направат некои проценки и цели, мислам дека овој тренд ќе се задржи“ – вели Јакимовски.
Според податоците на Народната Банка во текот на целата измината година цените на становите биле во пораст. Така во првиот квартал цените забележале раст од 4,6%, во вториот од 11,5%, а во третиот квартал 8%. Интересот за масовно градење не спласнува. Според последните статистички податоци, бројот на издадени дозволи за градење во октомври изнесува 363, што е пораст за речиси 12%. Само за тој еден месец се издадени дозволи за изградба на 913 станови.