Оризопроизводителите ќе добијат дополнителна субвенција од 6 денари по килограм оризова арпа за производството во 2024 година, а дел од реколтата ќе биде откупен за стокови резерви. Ова е договорот постигнат меѓу министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, оризопроизводителите и откупувачите.

-Разговаравме за решавање на проблемот кој што е наталожен од претходните години и тие ситуации кои не биле решени, денеска мораме ние како нова Влада да ги решаваме. По неколкучасовниот состанок заклучокот е државата односно Министерството да оддели дополнителни 6 денари за откупена оризова арпа од реколта 2024 година. Мерката треба да биде со важност од 1 ноември до 31 март 2025 година. Значи сите оние кои што имаат предадено овој период ќе добијат дополнителна субвенција од 6 денари за килограм арпа. Дополнителнио обврската на Министерството е преку Агенцијата за стокови резерви да се изврши набавка на оризова арпа, односно ориз за потребите на стоковите резерви. Знаете дека се изменети законските процедури и сите правилиници. Во тек се подготовките за ваквата објава што значи дека ќе го надминеме проблемот со откупот од реколтата 2024 година, изјави министерот Трипуновски.

Тој повтори дека проблемот со пласманот на оваа реколта, е наследен од претходната Влада и нагласи дека покрај решавањето на проблемот од минатите години со пласманот, веќе работат визионерски домаќински како да се организира сеидбата која е за неколку месеци од сега и со надминување на сите досегашни проблеми што ги имаат оризопроизводителите, во делот на вода за наводнување, семенски материјал, препарати за заштита, сортите кои што ќе бидат поддржани, програмата која сега ја работиме за 2025 година со цел вакви ситуации да бидат минато и да не мора државата да интервенира дополнително со финансиски средства, со цел да има предвидливо земјоделско производство.

Ставре Јанев претседател на Самостојниот синдикат на земјоделците на Македонија, потврди дека станува збор за бројни наследени проблеми во однос на оризопроизводството, бидејќи системот бил нефункционален. Тој изрази благодарност до министерот Трипуновски за тоа што имал слух во однос на барањата на оризопроизводителите во делот на цените, како и во однос на најавите да се направат соодветни програми и во делот на субвенционирање за наредната година и во делот на планирање на призопроизводството на ориз како култура.

-Се надевам дека со една позитивна кампања, односно позитивни движења во делот на целокупното земјодество ќе се создадат услови во Македонија повторно да се врати интересот и кај младите за производството на храна, рече Јанев.