Министерството за финансии засега не реагира на „фрлената ракавица“ од страна на стопанството за минимална плата од 500евра. Тв24 побара став од ресорното министерство, дали во буџетот за годинава има доволно пари да се покријат придонесите за пензиско и здравствено осигурување на 30илјади работници кои добиваат во моментов минимална плата. Добивме само известување дека во буџетот за годинава се предвидени повеќе пари за плати и надоместоци од лани.
„Напоменуваме дека во проектираната маса на плати вклучено е усогласувањето на платите согласно растот на минималната плата и стекнатите права на вработените согласно постојната правна регулатива. Подготовката на Буџетот и проекцијата на средствата за исплата на плати се базира на веќе донесените законски прописи“, соопштуваат од Министерство за финансии.
Лично премиерот Мицкоски потенцираше дека владата ќе прифати се што ќе договорат работодавачите и работниците, а владината порпаролка Марија Митева за тв 24 пред неколку дена изјави дека потребно е да се направи темелна анализа дали предлогот на стопанството е реален.
„Тогаш се надевам дека Министерството за финансии ќе направи добра темелна анализа за тоа во каква кондиција е буџетот дали ќе бидеме во можност сето тоа да го направиме и верувам дека врз основа на сите тие анализи и дискусии ќе се најде најдобро решение“, рече Марија Митева, порпарол на Влада.
Предлогот на бизнисот е минималната плата да биде 500 евра но, придонесите да останат исти како што се сега за оваа минимална плата. Тие велат дека ако придонесите од 9700 денари кои што се сега за минималната плата останат и за нето плата која што ќе изнесува 500 евра така ќе стигнеме до нашите соседни држави што имаат значително пониско ниво за плаќање на платите на нивните работници. Посочуваат дека компаниите се подготвени за таа сума на минималецот.
„Нашиот предлог е премногу едноставен но мислиме дека е најсоодветниот и најточниот бидејќи за истата сме направиле многу анализи бараме ние да се зголеми минималната плата на 500евра меѓутоа да останат придонесите на нивото на сегашната минималната плата. Што значи ако имаме придонеси од 9700 денари во моментот придонеси за минимална плата тие придонеси да останат за нето плата која што ќе се плати минимална на 31 500 денари“, вели Дурим Зеќири од Комора на северозападна Македонија.
По промената на власта најгласни беа најавите дека ќе се работи на експресно подобрување на стандардот на граѓаните. И покрај најавите за подрастично зголемување на минималната плата, земјава е закована на дното во регионот по висината на минималните примања кои што ги добиваат дел од работниците.
Преговарањето помеѓу синдикатите работодавачите и владата е тема која трае веќе од промената на власта. Синдикалците сметаат дека 450 евра е плата за преживување а не за живот, работодавачите тврдат дека немаат толку пари за минималец од март, а власта реши да прифати се што ќе се договорат работниците и газдите.