Во Агенцијата за вработување, во декември минатата година имало 96.828 невработени кои тврдат дека бараат работа. Уште 44.118 се пријавуваат, но не се декларираат како активни баратели на работа. Наспроти нив, деновиве Агенцијата за вработување евидентира околу 9.000 слободни работни места. Математиката покажува дека за секое работно место, во просек, има по повеќе од 10 невработени.
Иако бројот на баратели на работа постојано се намалува, тој сѐ уште е голем наспроти бројот на работните места. Од друга страна, пак, веќе е стара веста дека работодавачите не можат да најадат работници.
Анализата на бројките што ја направи Пари дава одговори на прашањето: Зошто е ова така? Податоците покажуваат неповолна старосна и образовна структура.
КАКО 564 МАГИСТРИ НЕ МОЖАТ ДА НАЈДАТ РАБОТА?
Работодавачите обично велат дека им недостига квалификуван кадар, но се жалат дека не може да се најде ниту хигиеничар(ка). Сепак, барем за попростите, односно поедноставните работни задачи би требало да се дојде до кадар, затоа што дури 69 отсто од тие што бараат работа се без образование, или само со основно образование. Нивниот број е 66.837! Значи, повеќе од две третини од пазарот на труд е со минимални квалификации, или воопшто нема некои посебни вештини. Па, прашањето е дали голем дел од оваа група е на сивиот пазар на труд, користи социјална помош, и во крајна линија – не е заинтересиран за вистинско вработување, а се пријавува во Агенцијата за вработување како корисник на одредени бенифиции.
Со завршено средно образование се 22.811 баратели на работа, а тоа е 23,5%. Вишо образование имаат 605 невработени, или 0,6%, со високо се 5.991 или 6,19%. Меѓу невработените има и 564 магистри, или 0,58% од тие што активно се пријавуваат во АВРСМ, како и 20 доктори на науки.
СО НАД 50 ГОДИНИ ДУРИ 40,7% ОД ОНИЕ ШТО БАРААТ РАБОТА
Деталната обработка на податоците за невработеноста во декември, Агенцијата за вработување сѐ уште ја нема објавено. Но, еве што откриваат податоците за ноември во однос на старосната структура на тие што бараат работа. Од 97.753 активни баратели на работа, во ноември дури 39.790 се на возраст над 50 години. Тоа се 40,7%! Млади на возраст од 20 до 29 години има 16.021, или 16,4%. Од 30 до 50 години е една група од 40.221 невработен, односно 41,1%.
Податоците покажуваат дека учеството на повозрасното население е големо во вкупниот удел на невработени. За разлика од порано, нивните шанси да се вработат сега се големи. Дури, неодамна еден трговски ланец објави оглас во кои ги повика и пензионерите да се пријават за работа.
НА ПАЗАРОТ НА ТРУД НАЈМНОГУ СЕ БАРААТ ХИГИЕНИЧАРИ
Последната анализа на слободните работни места од Агенцијата за вработување покажува дека најмногу се бараат хигиеничари на станбен и деловен простор. Понудата е за 672 слободни работни места од вкупно 9.109 слободни работни места. Овие податоци автоматски се обработуваат, соодветно на моменталната понуда.
На второ место е побарувачката на работници за едноставни работи на производствена линија. Се бараат 559.
На третото место е побарувачката за оператори во кол центри, има 541 работна понуда.
Целата анализа на следниот линк: https://pari.com.mk/nad-dve-