Кинеските власти и производителите на автомобили се заинтересирани да купат германски фабрики кои треба да се затворат, особено оние на германскиот гигант Фолксваген, кој се соочува со тешкотии и го затвора производството во две фабрики. Купувањето на фабриките ќе и овозможи на Кина да изгради влијание во германската автомобилска индустрија, изјави анонимен извор за Ројтерс- пишува Политика.

Кинеските компании инвестираа во низа индустрии во Германија, најголемата европска економија, од телекомуникации до роботика, но допрва треба да воспостават традиционално производство на автомобили во земјата. Потенцијалната инвестиција е многу чувствително политичко прашање. Кинеските компании би можеле да произведуваат автомобили во Германија за да се продаваат во Европа, со што ќе ги избегнат царините на Европската унија за електричните возила (ЕВ) произведени во Кина.

Ова дополнително ќе ја загрози конкурентноста на европските производители на автомобили. Економиите на Германија и Кина станаа тесно поврзани за време на 16-те години на Ангела Меркел како германска канцеларка, но односите се заладија бидејќи сегашната коалиција се обидува да ја намали зависноста од Пекинг.

Иднината на оваа кинеска инвестиција ќе зависи од ставот на новата германска влада што ќе се формира по изборите во февруари, додава изворот на Ројтерс, а пренесува Танјуг.