Во последниве неколку години платите за прв пат имаа посериозна тенденција на раст, но тоа е резултат пред се на административни мерки – зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и одливот на работна сила во странство.
За реално да пораснат платите мора да расте економијата. Изминативе години примањата на работниците растеа со побрзо темпо од економијата. Ова резултира со пад на продуктивноста, тоа е проста економска логика – продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.
Освен ниската продуктивност, ограничувачки фактор за раст на платите сеуште е и стапката на невработеност.
Сепак, ова полека се менува. Работодавачите до неодамна едноставно штедеа на работниците бидејќи сметаа дека лесно може да ги заменат. Ова е се помалку застапено, компаниите сфатија дека е тешко да најдат и да задржат добар работник, особено квалификуван. Натамошниот пад на невработеноста ќе резултира и со раст на просечната плата.
Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за околу 95%.
Просечната плата во ноември 2014-та била 21.588 денари, а со последната обајава на Државниот завод за статистика, просечна плата во ноември 2024 изнесува 41.999 денари(682 евра).
И покрај континуираниот раст, Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа и регионот според висината на просечната плата.
Подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 842 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат 732 евра, во Црна Гора 993, во Хрватска 1.366 и во Словенија 1.514 евра месечно.