Пратениците си го намалија коефициентот за плата од 3,04 на 2,69 и од 3,92 на 3,47. Но, тоа не значи дека платата ќе им се намали, туку дека нема драстично да им се покачи. Надлежната собраниска комисија денеска утврди коефициент, со кој, како што велат, ќе се обидат да го спречат непропорционалниот раст на функционерските плати.
Платата на функционерите се пресметува така што просечната годишна плата од претходната година се множи со коефициент кој варира според сложеноста на работното место. Но, ваквиот начин, предизвикува енормно зголемување на функционерските плати и јаз меѓу нивните и платите на сите останати во државата, поради што беа предложени и измени на законот.
„За„ гласаа сите членови на комисијата, а никој не се јави за дискусија. Новите коефициенти ќе почнат да се применуваат веќе од следниот месец.
Платите на функционерите скокнаа за 78 проценти оо одлуката на Уставниот суд да ја укине двојната основица за пресметка. Ова предизвика огромно незадоволство кај граѓаните, работниците и синдикалните организации кои организираа повеќе протести, по што, минатата пролет на сличен начин беше зауздан растот на месечните примања на носителите на јавни функции.
Без намалување на коефициентите, платите на функционерите од овој месец требаше да скокнат за 130 до 330 евра. Но, и со намалувањето, поради растот на просечната плата, нивните плати ќе се покачат, иако тоа нема да биде драстично и ќе се движи од три до шест илјади денари.