Американскиот претприемач Илон Маск изрази сомнеж во изводливоста на амбициозниот инфраструктурен проект за изградба на дата-центри на компанијата OpenAI во САД, наречен „Ѕвездена капија“ (Stargate), истакнувајќи дека инвеститорите нема да успеат да ги обезбедат планираните 500 милијарди долари.

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека инвеститори, меѓу кои јапонската SoftBank и блискоисточниот фонд MGX, ќе обезбедат средства за „Ѕвездена капија“, но Маск тврди дека SoftBank нема доволно капитал, пренесува TechCrunch.

„Тие всушност немаат пари“, напиша Маск на својата социјална мрежа Икс.

„SoftBank има обезбедено помалку од 10 милијарди долари. Имам проверени информации за тоа“, додаде тој. Неколку часа подоцна, во одговор на објава која го критикува извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, Маск напиша: „Сем е измамник“.

На ова, Алтман одговори: „Неточно, како што добро знаете“.

Алтман истакна дека проектот „Ѕвездена капија“ е важен за САД. „Разбирам дека она што е добро за земјата не секогаш е оптимално за вашите компании, но во вашата нова улога, се надевам дека ќе го ставите САД на прво место“.

Маск ќе го предводи Одделот за ефикасност на владата (DOGE), советодавна комисија на САД која има задача да предлага значителни кратења на финансиите на федералните агенции.