Власта бара начин како болниците, училиштата, јавните претпријатија да плаќаат поевтина струја. Некои не знаеле како да набавуваат електрична енергија и натрупале огромни долгови зашто не избрале снабдувач, па завршиле кај снабдувачот во краен случај за 50 проценти поскапо…

Болници, училишта и комунални претпријатија бараат да им се помогне со сметките за струја зашто натрупале огромни долгови, бидејќи се снабдувале од универзалниот снабдувач во краен случај. Повикаа и тие да станат дел од регулираниот пазар како домаќинствата. Власта вели, се прават анализи за да се стигне до системско решение за овие непрофитни институции, кои би можеле да влезат во една балансна група, но, дел од проблемот, според министерката лежи во тоа што овие институции не знаеле како да купат струја.

Индексирањето на цените за набавка, според ценовниот сигнал на МЕМО ќе овозможи транспарентност, флексибилност, намалување на ризикот, но и конкурентност на пазарот, вели првиот човек на МЕМО.

Институциите и компаниите при јавната набавка на електрична енергија со договорите за снабдување да индексираат според податоците од македонската берза, пазар ден однапред, а не како досега според странските берзи, е заклучокот од денешната средба меѓу ресорната министерка, Бирото за јавни набавки и националниот оператор на електрична енергија, МЕМО.