Историска помош за бизнисот и дополнителен стимул за македонскиот економски развој. 250 милиони евра од унгарскиот кредит ќе бидат достапни за компаниите – владата ја донесе одлуката, а со ова се отвора патот комерцијалните банки кои преку развојната ќе ги добијат средствата, да може да ги доделуваат на фирмите кои ќе аплицираат. Посебен акцент ќе биде ставен на секторот производство – со што инвестицискиот циклус кој следи ќе придонесе за подобрување на животниот стандард и отворање илјадници нови работни места. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека ова ќе има значајно влијание на стопанството.

„Овие пари се од унгарската кредитна линија, а методологијата по која овие пари ќе станат достапни за компаниите е преку Министерството за финансии кое со цел воспоставување на кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва и одобри на Развојната банка, бескаматен заем во износ од 250.000.000 евра. Развојната банка ќе ги стави на располагање на банките учеснички преку Рамковен договор за учество со намена финансирање на инвестициите и развојот на приватните трговски субјекти запишани во Трговскиот регистар“, појасни Мицкоски.

Според министерката за финансии ова е огромна поддршка за економијата бидејќи се работи за многу поволни кредити – со каматна стапка од 1,95%. Рокот на отплата на кредитот е до 15 години, со грејс период до три години. Компаниите ќе може да аплицираат за кредит до 10 милиони евра, а во бизнисот кој ќе го отпочнат ќе треба да имаат учество од 20%.

Изземени ќе бидат обложувалниците, казината и компании за производство на алкохол, освен оние за производство на вино и пиво.

– Секако акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите на Народната банка, ќе видите дека генерално пласманите што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ и затоа ние на крајот се одлучивме да се отвориме кон сите компании во насока на тоа секој да има пристап. Секако производните капацитети ќе имаат приоритет и по информациите што ги имам со едни од најгоемите банки во државата, тие веќе имаат постоечки и одобрени пласмани за кои само чекаат потпишување на соодветната документација – рече Димитриеска-Кочоска.

По потпишувањето на договорот помеѓу развојната банка и сите 13 комерцијални банки кои се учеснички во процесот, парите ќе бидат достапни за компаниите кои ќе аплицираат согласно условите со целосно подготвена документација.

250те милиони евра се дел од унгарскиот кредит, од кој другите 250 милиони се наменети за капитални инвестиции на општините. Каматата на кредитот е 3.25 % и ќе ја плаќа државата.