Премиерот Христијан Мицкоски има 17 советници и сите имаат плата од 60 илјади денари, со исклучок на оние кои се со целосно работно време. Како што изјави тој, такви се тројца или четворица и тие имаат месечен хонорар од 90.000 денари.

– Вкупно имам 17 советници и сите советници имаат плата во вкупна вредност од 60.000 денари, со исклучок на оние кои се со целосно, полно работно време. Такви се тројца или четворица, коишто се во Владата, и тие имаат месечен хонорар од 90.000 денари – изјави тој одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.

Мицкоски ја прифати забелешката на новинарите за необјавувањето соопштенија од владините седници и, како што рече, „ќе се потрудиме веднаш по оваа прес-конференција сите соопштенија што недостасуваа да ги објавиме на страната на Владата“.

„Слободен печат“ уште во август минатата година испрати прашања до Владата колку надворешни советници има премиерот, кои се и за колкав надоместок го советуваат, но не добивме одговор.