Бојкотот на граѓаните го преполови прометот на маркетите….Анализата на Управата за јавни приходи покажува дека во осумте поголеми ланци на супермаркети вчера е забележан пад на вкупниот промет за 46,59 отсто во споредба со минатиот петок.
УЈП:
„Според споредбената анализа на податоците, во петок, 31.01.2025 година во однос на петок, 24.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.59%. Во петок, 31.01.2025 година, во однос на четврток, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети е забележан пад на вкупниот промет за 46.29%. “
Премиерот Мицкоски вели дека во понеделник се очекуваат и резулатите од пазарните инспекции кои биле направени во поголемите супермаркети.
Христијан Мицкоски – Претседател на Влада:
„Нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме и како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните, но истовремено да не ја нарушиме пазарната економија. Мислам дека во овие моменти треба заеднички да работиме да излеземе како победници од целата оваа ситуација“….
Од опозициската СДСМ пак порачаа дека бојкотот на граѓаните е порака до власта на Мицкоски дека не ги заштити граѓаните и не презеде мерки за да го спречи растот на цените.
„СДСМ предлагаше конкретни мерки и решенија за да се спречи растот на цените, како законот за намалување на ДДВ на храната на 0%, законот за зголемување на минималната плата, предлозите за зголемување на платите по сектори, но, арогантната власт тоа го одби. Затоа, целосно е разбирлив револтот на граѓаните од поскапувањата и начинот на којштотоа го покажаа“…
Бојкотот кој почна да се шири од Хрватска каде пред една недела граѓаните останаа дома и ги оставија празни касите во големите маркети ги поттикна и земјите од регионов да го следат примерот. Во Хрватска сега во тек е и седумдневен бојкот на одередени трговски синџири бидејќи цените им се повисоки отколку во другите земји на ЕУ.