Додека регионот и Македонија ги тресат протести против големите маркети, за кои се вели дека наметнуваат неоправдано високи цени, Пари истражува кој колку ставил плус во целиот синџир на исхрана за да стигнеме до високите цени. Ги анализираме десетте најголеми производители и трговци на големо, како и седумте најголеми продажни синџири на храна на мало. Во центарот на истражувањето ни се нето-профитните маржи. По дефиниција, тие претставуваат процентуално учество на остварената нето-добивка во вкупните приходи.

Завршните сметки за 2024 година сѐ уште не се поднесени, па заедно со Бизнис Мрежа ги анализираме податоците од 2023 година.

Во просек, секој од најпознатите трговски синџири има профитна маржа од 4,11 насто. Кај десетте најголеми производители по приход просекот на нивните маржи е 6,53 насто, а кај дистрибутерите е 3,47 насто.

Нето-профитната маржа не значи дека толкава маржа е ставена на производите, но, секако, тие маржи на производи влијаат на нето-профитната маржа. Од друга страна, во расходната страна на компаниите не се само трошоците за суровини, тековно производство и тековни услуги, туку и разни други капитални расходи коишто компанијата ги инвестира. А, тука може да влезат и имот и возила што се водат на име на фирмата, а кои, во крајна линија, се за потребите на сопствениците. Во пракса има секакви случаи…

КАЈ ТРГОВЦИТЕ ИМА НЕТО-ПРОФИТНИ МАРЖИ ОД 1,42 ДО 10,12 НАСТО

Во седумте најголеми малопродажни синџири: КАМ, Стокомак, Кипер, Тинекс, Веро, Кит-го и Рамстор, нето-профитните маржи се движеле од 1,42 насто во Тинекс до 10,12 насто во Веро. Секако, иако нето-профитната маржа е најниска во Тинекс, на сите им е јасно дека тој не е најевтиниот продажен синџир.

Профитни маржи на најголемите трговски синџири по профит во 2023 година

КАЈ НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ИМА НЕТО-ПРОФИТНИ МАРЖИ ОД 1,68 ДО 16,02 НАСТО

Анализата на десетте најголеми производители на храна по приход во 2023 година покажува дека нивните нето-профитни маржи се движат од 1,68 насто на Жито Лукс до 16,02 насто на Мешовитото друштво за производство на сладолед, трговија на големо и мало, превоз, услуги ЦЕРМАТ увоз-извоз ДОО Битола. Покрај производството на сладолед, ова друштво е познато и по својата палета на замрзнат зеленчук и овошје.

Македонија е увозно зависна од храна, па нашите компании не успеваат да одговорат на многу од потребите на населението. Од друга страна, нашите најголеми прехранбени домашни компании остваруваат и голем извоз, па и оттаму се можни приливите во нивните приходи.

Профитни маржи на ТОП 10 производители на храна по приход во 2023 година

Производителите на сирење не се во нашите ТОП 10 најголеми прехранбени компании, но со оглед на тоа дека македонските граѓани се големи консументи на сирење и дека кај нас доминираат домашните сирења, Пари ги анализираше и нето-профитните маржи на познатите производители на брендовите Бучен козјак, Идеал Шипка, Кораб Трница и Здравје Радово. Нето-профитната маржа на Бучен Козјак е 9,97 насто и е најголема. На ДПТУ Трница е 6,12 насто, на Лацталис, кој е производител на Идеал Шипка, е 3,68 насто, а на Здравје Радово е најниска и изнесува 0,95 насто.

Профитни маржи на производители на сирење

НАЈГОЛЕМИТЕ ДИСТРУБУТЕРИ СЕ СО НЕТО-ПРОФИТНИ МАРЖИ ОД 0,17 НАСТО ДО 8,02 НАСТО

Секој производ од производителот или од увозникот, до малопродажба треба да стигне преку дистрибутер. Некогаш производствените компании и увозниците имаат сопствена дистрибуција, па истовремено и произведуваат/увезуваат и дистрибуираат.

Пари ги анализира десетте најголеми дистрибутери на храна. Но, покрај храна, тие може да дистрибуираат и други производи. На пример, Еуро табак, кој според приходите важи за најголем дистрибутер во земјава, е ексклузивен дистрибутер на тутунските производи од британскиот Империјал тобако, па веројатно оттаму му доаѓаат и голем дел од приходите. Преку Еуро табак оди дистрибуцијата и на кафето Франк, додека негов партнер за храна е една германска компанија за чипс.

Нето-профитни маржи на најголемите дистрибутери по профит во 2023 година