Силниот фокус на администрацијата на Трамп да отвори широки канали на комуникација со т.н. Глобален Југ може да биде поттикнат од геополитичката конкуренција и економскиот прагматизам, констатираат аналитичарите што се занимаваат со геополитика и геоекономија.
Трамп сака да изгради сојуз меѓу големите сили САД, Кина, Индија, Русија и други земји со релација што им дава приоритет на прагматичните заемно корисни односи
Новата американска администрација ги интензивира релациите со т.н Глобален Југ уште во првите денови по инаугурацијата на претседателот на САД. Овој тренд веќе го регистрираа западните медиуми, со објавувањето на информациите во врска со првите телефонски разговори на Доналд Трамп (и државниот секретар Марко Рубио) со претставници од Кина, Индија, Саудиска Арабија, Кенија и од Израел.
Првиот разговор на Трамп со странски лидер беше со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман ал Сауд
За време на разговорот меѓу претседателот на САД и принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, последниов, според западните медиуми, изразил желба „да ги зголеми саудиските инвестиции во САД на 600 милијарди долари“. Медиумите пишуваат дека „Трамп реагирал позитивно и навестил дека неговата прва посета на странство би можела да биде во саудиското кралство“.
Натаму, медиумите регистрираат дека Доналд Трамп исто така разговарал со индискиот премиер Нарендра Моди, па со претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, и со јорданскиот крал Абдула Втори, како и со британскиот премиер Кир Стармер. Медиумите издвојуваат еден интересен факт, а тоа е дека „премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, бил единствениот западен лидер со кој Трамп контактирал во првите девет дена од неговото претседателствување“.
Претседателот на САД отвора нови канали на комуникација со Глобалниот Југ
Силниот фокус на администрацијата на Трамп да отвори широки канали на комуникација со т.н. Глобален Југ може да биде поттикнат од геополитичката конкуренција и економскиот прагматизам, констатираат аналитичарите што се занимаваат со геополитика и геоекономија.
– Контактите на новата администрација на Трамп со Кенија укажуваат на растечката стратегиска важност на Африка. Трамп можеби ги поставува темелите за нов светски поредок. Имено, Трамп го заменува стариот модел со нов, кој се оддалечува од традиционалното ривалство на големите сили со САД кон соработка – тврди вишиот истражувач во Институтот за американски и канадски студии Владимир Василев.
Трамп сака да изгради сојуз меѓу големите сили САД, Кина, Индија, Русија и можеби други земји.
– Иако оваа рамка дозволува можно ривалство и конкуренција, таа рамка на Трамп им дава приоритет на прагматичните заемно корисни односи, додека, се разбира, Вашингтон сака да одржи одреден степен на лидерство. Но, напорите на американската администрација да допре до Глобалниот Југ доаѓаат и со одредени предизвици – тврди Василев, додавајќи дека „управувањето со ангажманот и конкуренцијата со Кина останува сложено.
Според него, Индија, иако стратегиски партнер, продолжува да води независна надворешна политика, како што се гледа на примерот со купување руска нафта и покрај санкциите.
Кратко потсетување за тоа што е т.н. Глобален Југ (или земји во развој), со кој Трамп сака нови и продлабочени релации
Кога се зборува за Глобалниот Југ се мисли на група земји што покрај географската положба (јужна страна на Земјината полутопка), ги поврзуваат и социоекономијата и политиката. Тоа се претежно економии во развој, а многу од овие земји се или биле објекти на колонијализмот. Глобалниот Југ генерално ги опфаќа Африка, Латинска Америка и Карибите, Азија (со исклучок на Израел, Јапонија и Јужна Кореја) и Океанија (со исклучок на Австралија и Нов Зеланд). Русија (вообичаено) не е класифицирана како земја на Глобалниот Југ. Многу земји и нивните лидери би сакале да се позиционираат како неформални лидери или претставници на таквиот Глобален Југ. Така, индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека „да им се даде глас на приоритетите на Глобалниот Југ“ е централна цел на индиското претседателство со Г20 во 2023 година.
Влијателната американска фондација „Карнеги“ пишува дека концептот на Глобалниот Југ се појавил кон крајот на 1960-тите години и главно се користел како синоним за поимот „земји од третиот свет“. Денес, пишуваат тие, евидентно е враќањето на терминот Глобален Југ кај политичарите, во медиумите, но и меѓу научните трудови. Тие тврдат дека со тој термин „флексибилно се опфаќаат околу 130 земји, но критериумите за влез во таа група се многу нејасни и земјите варираат толку многу што користењето на терминот внесува повеќе конфузија отколку јасност“.