Министерството за трговија на Кина објави дека воведува царини за неколку производи од САД како одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп. Кина истовремено објави и други мерки поврзани со трговијата, вклучително и истрага против Гугл, пренесува АП.
Според официјалното соопштение, Кина ќе применува царина од 15 отсто за јаглен и течен природен гас и 10 отсто за сурова нафта, земјоделски машини и автомобили со голем капацитет. Оваа одлука доаѓа како одговор на американските царини наметнати од претседателот Доналд Трамп, кои стапија на сила утрово.
Додека американските и европските берзански индекси беа во пораст по вчерашните добри вести од Канада и Мексико, тие утрово повторно се во пад бидејќи инвеститорите стравуваат од трговска војна меѓу САД и Кина, слична на онаа од првиот мандат на Трамп.
„Мислам дека треба да се навикнеме на ова, еден вид ролеркостер на јавни преговори за царини и други политики“, вели Рос Мејфилд, аналитичар во компанијата Baird.
„Едностраното зголемување на царините на САД сериозно ги крши правилата на Светската трговска организација“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за трговија. „Не само што не помага во решавањето на сопствените проблеми, туку и штети на нормалната економска и трговска соработка меѓу Кина и САД“.
Царините од 10 отсто наредена од Трамп за Кина стапи на сила денеска, иако тој планираше да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг во следните неколку дена во обид да ги намали тензиите меѓу двете најголеми светски економии.