Поранешниот гигант на регионалната текстилна индустрија Вартекс од хрватскиот град Вараждин престана со производство по повеќе од сто години, соопшти денеска стечајниот управник на компанијата.

Стечајниот управник Томислав Ѓуричин најави дека иднината на бизнисот ќе се решава на генералното собрание кое ќе се одржи на 12 февруари, објави Јутарњи лист.

Пред неколку месеци Ѓуричин ги проценуваше шансите за опстанок на Вартекс на повеќе од педесет проценти, но сега на таквото сценарио му дава неспоредливо помали шанси, бидејќи „пазарот така одлучи“.

Стоката на „Вартекс“ може да се купи само во 16 наши продавници, што не е доволно за профитабилен бизнис“, рече тој.

На состанокот одржан на крајот на јануари беше изгласано Вартекс да продолжи со продажба на стоки и да го задржи ладилникот, но и да го прекине производството.

 Додека речиси сите доверители беа за продолжување на продажбата, оние со вкупно побарување од 22,49 милиони евра гласаа за прекин на производството, додека доверителите со побарувања од 1,61 милион евра гласаа за продолжување, наведува Јутарњи лист.

Хрватскиот и поранешен југословенски бренд на модни текстилни производи наречен Вартекс во сегашната форма е создаден во 1948 година со национализацијата на текстилната индустрија Вараждин – Тивар, која е основана на 1 ноември 1918 година како акционерско друштво на чешки индустријалци и хрватски трговци.