Работниците на велешка „Колска“ излегоа на предупредувачки протест пред влезната капија на фабриката и истакнаа дека доколку до петок не добијат декемвриска плата и К-15 во спротивно ќе има блокада на железничкиот превоз во понеделник.
Педесетина работници, утрово, пред влезната капија на фабриката застанаа за да побараат декемвриска плата, платени придонеси и регрес за годишен одмор за двете изминати години коишто законски им следува но никако да го добијат.
Претседателот на синдикалната организација Тони Арсовски рече дека работниците приморани се да прогласат штрајк.
Штрајкот на вработените во „Колска“ го поддржа Сојуз на синдикати на Македонија.
– Недозволиво е распродавање на фабриката без почитување на основните работнички права и законите во државата. Го повикувам министерот за транспорт Николоски да дојде во фабриката и да ги слушне работничките проблеми и барања, рече за „Дума“, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Работниците до петок ќе бидат на своите работни места во фабрички погони, во кои нема греење и репроматеријали за работа. Ако не добијат декемвриска плата и барем регрес за годишен одмор за 2024 со конкретен договор за јануарската плата и регресот за 2023 година тие во понеделник штрајкот ќе го преселат на Железничка станица Велес.