Минималните плати во повеќето земји-членки на Европската Унија и во земјите кандидати пораснаа побрзо од инфлацијата, што резултираше со реално зголемување на куповната моќ на работниците ширум регионот. Анализата на „Еуроњуз“ покажува значителни разлики во животниот стандард на работниците со минимална плата во различни делови на Европа.
Според последните податоци од јануари 2025 година, во десет од 22 земји на ЕУ месечната минимална бруто плата е сè уште под 1.000 евра. Минималната плата во Германија е повеќе од двојно повисока од онаа во Бугарија кога се гледа куповната моќ.
Податоците на Евростат покажуваат дека бруто-месечните минимални плати во ЕУ се движат од најниското ниво од 551 евро во Бугарија до највисоко ниво од 2.638 евра во Луксембург. Меѓу земјите кандидати, најниска минимална плата има Молдавија од 285 евра. Пет земји-членки на ЕУ: Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска – немаат национална минимална плата.
Евростат ги групира земјите во три главни категории според нивото на минималната бруто плата:
Првата група (над 1.500 евра месечно) ја предводи Луксембург (2.638 евра). Следат: Ирска (2.282 евра), Холандија (2.193 евра), Германија (2.161 евро), Белгија (2.070 евра) и Франција (1.802 евра).
Во втората група (помеѓу 1.000 евра и 1.500 евра) се: Шпанија (1.323 евра), Словенија (1.254 евра), Полска (1.091 евра), Литванија (1.038 евра), Португалија (1.015 евра) и Кипар (1.000 евра).
Третата група (под 1000 евра) е најголема и ги опфаќа 10 земји-членки на ЕУ и сите земји кандидати. Меѓу земјите-членки на ЕУ, најдобро позиционирани се Хрватска (970 евра), Грција (968 евра), Малта (961 евро), Естонија (886 евра), Чешка (826 евра), Словачка (816 евра) и Романија (814 евра). ). Меѓу земјите-кандидати, Турција води со 708 евра, што е повеќе од две членки на ЕУ – Унгарија (707 евра) и Бугарија (551 евро), пренесува Пословни дневник.