Секој маркет на својата веб-страница да ги објави цените на сите производи што ги има, ќе предложи денес премиерот Христијан Мицкоски на седница на Владата, на која ќе одлучуваат за воведување мерки за намалување на цените. Оваа мерка е негов предлог, но какви мерки ќе се изгласаат, премиерот рече дека ќе извести по денешната седница на Владата, на која Државниот пазарен инспекторат треба да ја презентира анализата на цените.
„Еве една мерка што ќе ја предложам, сите синџири на овие супермаркети, хипермаркети да имаат јавна веб-страница, транспарентна, на која ќе ги објават сите цени на сите производи што ги имаат во своите маркети. Да може граѓаните јасно да видат колкави се цените и самите да одлучуваат, како што имаат некои земји во светот. Ќе можеме и да ги следиме ние тие трендови, да правиме некој хистограм на движење на тие цени“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
За тоа какви мерки за намалување на цените ќе бидат донесени, премиерот најави дека ќе извести по седницата оти не бил видовит, како што рече, за да знае кои предлози ќе бидат прифатени.