Најавите се дека ќе се произведува електрична енергија за околу 20.000 домаќинства, со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно.
Премиерот Христијан Мицкоски најави инвестиции од 55 милиони евра во енергетиката, со цел производство на електрична енергија за над 20 илјади домаќинства и заштита на животната средина во Северна Македонија.Тој во Владата го означи почетокот на процесот за изградба на два енергетски проекти во енергетскиот сектор – втора фаза од ветерниот парк Богданци, како и изградба на фотонапонската централа Битола 2.
За таа цел беше потпишан договор помеѓу АД ЕСМ и регионалниот директор на канцеларијата на германската KfW Банка, Мориц Реме, наменет за изградба на двата нови капацитети за производство на обновлива енергија.
„Инвестицијата е вредна 55 милиони евра од кои 47.3 милиони евра се за фотонапонската електрана Битола 2, додека ветерниот парк Богданци – Фаза 2, инвестицијата е 7,7 милиони евра. Битола 2 ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50-60 MW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80-90 GWh електрична енергија годишно, се разбира зависи тоа од сончевата радијација, што е доволно за отприлика 20 илјади домаќинства“, вели Мицкоски.
Струја за околу 20 илјади домаќинства
Најавите се дека ќе се произведува електрична енергија за околу 20.000 домаќинства, со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно.
Со втората фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци е предвидено изградба на дополнителни четири ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за дополнителни 13,6 MW, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на првиот дел од проектот и овој вториот дел вкупно ќе биде повеќе од 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 GWh, зелена енергија.
„На овој начин се бориме за поголема енергетска независност и поголема ефикасност. Треба да ги засукаме ракавите, жестоко да работиме, затоа што преку енергетиката се гради и нашата заедничка иднина“, вели Мицкоски.