Објавен е вториот јавен повик на кој општините може да аплицираат за добивање на финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти. Може да аплицираат сите општини за добивање на финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието. Апликативните формулари треба да се достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства најдоцна до 30 април.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата рече дека овој јавен повик е креиран согласно барањата на градоначалниците и во него има поволни услови. Очекува да се искористат планираните средства затоа што, вели, општините имаат инфраструктурни проблеми.
– Новина е продолжувањето на рокот за апликација до 30 април, а олеснителна околност има и во делот на обезбедувањето на потребната документација која е неопходна за отпочнување на јавната набавка. Тоа е со цел да им се помогне на општините и да им се даде простор потребната документација да ја дообезбедат додека трае постапката. Овие се две новини на барања на градоначалниците, рече Перински.
Распределбата на средствата ќе се врши врз основа на два критериума – резидентното население во општината согласно последниот Попис и комплетна проектна документација потребни за отпочнување на јавната набавка.
Овој втор јавен повик, според Перински, е продолжение на првиот јавен повик кој, како што рече, веќе дава резултати на терен. Најголем интерес во првиот повик имало за реализација на проекти од патната инфраструктура.
Перински во овие јавни проекти не гледа предизборен поткуп затоа што, вели, на јавните повици може да аплицираат и да добијат средства сите градоначалници без разлика на нивната политичка припадност.