Илон Маск, шефот на Одделот за владина ефикасност (DOGE), размислува на сите американските даночни обврзници да им исплати по 5.000 долари (за поврат на данок) од заштедите на DOGE. Овој предлог, прво треба да го одобри американскиот претседател, Доналд Трамп.

Идејата ја изнесе Џејмс Фишбек, извршен директор на Azoria и надворешен советник на DOGE.

Тој во објава на X напиша: „Претседателот Трамп и @ElonMusk треба да објават „DOGE дивиденда“ – чек за поврат на данок испратен до секој даночен обврзник, финансиран исклучиво со дел од вкупните заштеди испорачани од DOGE.

Маск одговори на предлогот со кратка, но интригантна порака: „Ќе се провери со претседателот“.

Тој во друга објава, додаде: „Очигледно, претседателот е врховен командант, така што ова целосно зависи од него“.

Фишбек му се заблагодари на Маск за неговиот одговор и рече дека му е „чест“ што најбогатиот човек на светот изразил интерес за предлогот за дивиденда на DOGE.

Фишбек, исто така, инсистираше на тоа дека „DOGE дивидендата“ нема „да биде инфлаторна“, тврдејќи дека ќе биде целосно финансирана од заштеди од агенцијата.

Во секој случај, Трамп ќе треба да го одобри предлогот пред да се случи нешто.

Според doge.gov, DOGE веќе заштедил 55 милијарди долари со намалување на владиниот отпад. Заштедите, наводно, доаѓаат од комбинација на „откривање/бришење измама, откажувања на договори/наеми, повторно преговарање за договори/наеми, продажба на средства, откажувања на грантови, намалувања на работната сила, програмски промени и регулаторни заштеди“, како што е наведено на нивната официјална веб-страница.

Од неговото лансирање за време на вториот мандат на Трамп, DOGE беше пофален за намалување на трошоците преку намалување на федералната работна сила и откажување на грантови и договори.

Но, агенцијата беше критикувана за наводно неограничен пристап до чувствителните владини податоци низ повеќе федерални агенции, вклучително и Министерството за финансии.