Сериозни слабости во спроведување на мерките за вработување и проблеми во распределбата на средствата се нотираат во извештајот за 2023 година на Државниот завод за ревизија. За исплата на средства за паричен надоместок во случај на невработеност во 2023 година исплатени се 13 отсот помалку или 1,5 милиони евра. Но, тоа било помал проблем за ревизорите кога ја провериле документацијата.
„Кај исплатата на расходите по тој основ утврдено е дека кај дел од предметите кои биле опфатени со ревизијата, документацијата била некомплетна, односно се забележува отсуство на дел од бараната документација што се должи на неажурност во работењето кај дел од центрите за вработување, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок што се должи на невоспоставена електронска размена на податоци и поврзаност на евиденциите помеѓу Агенцијата и Фондот за ПИО,“ се наведува во извештајот на ревизорите за 2023-та.
Агенцијата била задолжена за 14 мерки. Од поддршка на младите, зелени инвестици и други развојни активности. За обука за информатички технологии потрошиле 1,4 милиони евра, а испитот едвај го поминал секој четврти кандидат.
„Во текот на 2023 година за мерката Обука за стекнување на вештини од областа на напредни ИТ вештини исплатен е износ во висина од 87.080 илјади денари односно 1,4 милиони евра што во однос на 2022 година претставува зголемување за 47.361 илјада денари или 54%. Ревизорите утврдиле дека бројот на кандидати кои успешно го положиле предвидениот испит по завршувањето на обуката е мал и заклучно со септември 2024 година изнесува 22%“, се наведува во извештајот во насока на постигнување на ефектот на оваа мерка.
Ревизорите утврдиле дека агенцијата иако имала параметери како да ги спроведуваат мерките според региони, при реализацијата секогаш предничел скопскиот плански регион. Некогаш и четиркратно. Во централниот и источниот дел на земјата биле исплатени значително помалку средства. Но, не само кон надвор, и парите за функционирање на агенцијата се трошеле недомаќински. Набавиле огревни пелети, со цена двојно повисока од пазараната.