Јапонска групација на високо ниво што вклучува и поранешен премиер, подготви планови за инвестирање на „Тесла“ на Илон Маск во потклекнатиот производител на автомобили Нисан, откако пропаднаа преговорите за спојување со конкурентската Хонда.
Новиот предлог, предводен од поранешниот член на одборот на „Тесла“, Хиро Мизуно, е поддржан од поранешниот премиер Јошихиде Суга и неговиот поранешен помошник Хирото Изуми, според три лица со директно знаење за овој потег. Неколку членови на одборот на Нисан се запознаени со оваа иницијатива.
Групацијата се надева дека „Тесла“ ќе стане стратешки инвеститор бидејќи веруваат дека најголемиот светски производител на чисто електрични возила сака да ги купи фабриките на „Нисан“ во САД, според изворите. Тие фабрики ќе ѝ помогнат на „Тесла“ да го зголеми домашното производство како одговор на заканите за царини на Доналд Трамп.
Планот за пристап до „Тесла“ доаѓа откако „Нисан“ се повлече од предлогот на „Хонда“ за спојување од 58 милијарди долари, што предизвика стравувања дека третиот по големина јапонски производител на автомобили би можел да падне во потенцијално непријателски странски раце, вклучително и тајванскиот производител на ајфон, Фокскон, активистите инвеститори и приватните инвестициски групи.
Преговорите со „Хонда“ првично беа започнати откако Фокскон му пристапи на партнерот на „Нисан“, „Рено“, минатата година, со понуда да купи дел од уделот на француската компанија во јапонскиот производител на автомобили. По неуспехот во преговорите овој месец, Фокскон го потврди својот интерес за стекнување на акции на „Нисан“ како средство за проширување на бизнисот за производство на електрични возила.
Суга, кој се повлече од функцијата премиер во 2021 година, останува активен во јапонската политика и е член на Долниот дом на парламентот. Тој ја започна својата политичка кариера во Јокохама, каде што се наоѓа седиштето на „Нисан“.
Предлогот предвидува конзорциум инвеститори, со „Тесла“ како најголем инвеститор, но вклучува и можност за малцинска инвестиција од страна на Фокскон за да се спречи целосно преземање од страна на овој добавувач на „Епл“.
Акциите на „Нисан“ пораснаа за дури 11 отсто во Токио во петокот откако „Фајненшел тајмс“ објави за плановите.
Во последните неколку недели, „Нисан“ започна сопствена потрага по стратешки партнер во технолошката индустрија, при што некои членови на одборот ги предложија „Тесла“ и „Епл“ како идеални партнери, според две други луѓе запознаени со ова прашање. Во ноември, „Нисан“ започна итен план за реструктуирање, кој вклучува губење на 9.000 работни места, откако компанијата забележа квартална загуба.