На само една недела пред конечното усвојување на новата минимална плата, работниците и компаниите сè уште не знаат колкава ќе биде таа. Неодамна беа направени пресметки и според Законот минималецот во државата најверојатно ќе порасне за околу две илјади денари. ТВ 24 ги праша граѓаните, колку според нив би требало да изнесува минималната плата во земјава?

И Синдикатите бараат зголемување на минималната плата на 500 евра, сметајќи дека сегашниот износ не е доволен за покривање на основните потреби на работниците. Од “Гласен Синдикат“ велат доста зборуваме за минимална плата, време е да почне да се зборува за плата за живот.

Од Организацијата на работодавачи пак, велат дека законското услогласување на минималецот согласно новата методологија, од 22.500 на 24.400 денари не би требало да предизвика некои поголеми проблеми во работењето на компаниите.

Ќе извиси ли предлогот од страна на Стопанската Комора на Северозападна Македонија, за зголемување на минималната плата на 500 евра, под услов државата да ги покрие зголемените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се знае најверојатно во март, кога и треба да биде донесена конечната одлука за висината на минималната плата. Инаку, сегашниот минималец, кој изнесува 22.500 денари е сума што ја става земјава на дното по висината на минималецот, во споредба со државите од регионот.