На валутните пазари минатата седмица третпат со ред падна вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути, при што најмногу падна неговиот курс во однос на јапонскиот јен.
Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на шесте главни светски валути, минатата седмица се лизна за 0,15 отсто, на 106,65 поени.
Курсот на еврото во однос на доларот ослабе за 0,3 отсто, на 1,0458 долари.
Сепак, американската валута остро падна во однос на јапонската, за 2 отсто, а нејзиниот курс се лизна на 149,25 јени.
Слабеењето на индексот на доларот трета седмица по ред најмногу се должи на неговиот остар пад во однос на јапонската валута.
Со оглед на тоа дека инфлацијата во Јапонија расте, се очекува центалната банка на Јапонија (BoJ) наскоро дополнително да ги зголеми клучните каматни стапки, намалувајќи го јазот меѓу каматните стапки на американската Fed и BoЈ.
Дополнително, јенот зајакна бидејќи се смета за побезбедно засолниште за капиталот во несигурни времиња, а на финансиските пазари преовладува неизвесност, меѓу другото, и поради неизвесноста во врска со мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Инвеститорите се во неизвесност и поради ризикот од трговска војна. Минатата седмица, листата на производи на кои американскиот претседател Доналд Трамп сака да воведе царини беше проширена, додавајќи дрвена граѓа, автомобили, полупроводници и фармацевтски производи на листата.
Прашањето е дали другите економски сили, вклучувајќи ги Кина и Европската унија, ќе одговорат со зголемување на царините за увоз на американски производи, што би довело до трговска војна.
Инвеститорите минатата седмица беа фокусирани и на записникот од последниот состанок на американската централна банка, кога ги оставија каматните стапки непроменети поради високата инфлација.
Записникот не донесе никакви изненадувања, покажувајќи дека лидерите на Fed се загрижени за зголемената инфлација и можното влијание на политиките на Трамп, особено царините, врз нивните напори да ја спуштат инфлацијата на целните нивоа. А тоа значи дека Fed најверојатно нема да продолжи да ги намалува каматните стапки во скоро време.