Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека барањето од Владата до ланците маркети да ги објавуваат цените на производите и да ги ажурираат нивните измени на интеренет страници досега било само препорака, а дека понатаму тоа ќе биде задолжително.
– На овој предлог се исмевааше опозицијата но тоа е израелски модел кој е имплементиран во повеќе европски земји и дава резултат. За тоа ќе биде потребно да се направат законски измени, рече Мицкоски.
Не спомена дали ќе има нова средба со сопствениците на малопродажните ланци, по донесувањето на владината одлука за замрзнување на цените и ограничување на профитната маржа, но кажа дека претходните состаноци биле конфузни.
– Некои од ланците водат политичка борба против политичка влада,но тоа е нивни избор, ова е демократска земја со право на говор. Секој нека се бори легитимно, а ако некој има подобар предлог, подготвен сум да разговарам во секое време
Минатата средба беше дифузна, со различни предлози од различни претставници, па така не знаеме на која платформа можеме да разговараме, додаде премиерот.
Тој рече дека во меѓувреме ќе продолжат контролите над маркетите од страна на Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата.