Синдикатите ги изменија барањата, наместо досегашните 450 евра сега бараат минималецот да изнесува 500 евра. Минималната плата според закон ќе се зголеми за 2000 денари и ќе изнесува 24.500 но од ССМ предлагаат таа биде 30.500 со тоа што разликата од 6000 денари да ја субвенционира државата во период од 12 месеци.
Овој предлог наскоро ќе биде доставен до Владата и Собранието, а според ССМ, бизнисот во голем дел го поддржува зголемувањето на минималната плата. Премиерот Мицкоски, пак, посочува дека Владата ќе ја поддржи договорената сума меѓу работниците и работодавачите, но ако нема договор, ќе се придржуваат кон законот.
Дискусиите за минималната плата се очекува да продолжат во новиот економско-социјален совет, кој би се одржал во март. Владата сѐ уште не ја формирала Комисијата која треба да ја потврди репрезентативноста на ССМ, што е неопходно за да се одржи средбата со работодавачите и синдикатите.
Тема за дебата ќе биде и пресметката на потрошувачката кошничка, која предизвика контроверзи, особено откако премиерот и министерката за финансии го доведоа во прашање вклучувањето на одредени производи, како грашок во конзерва и прекумерната потрошувачка на млеко.