Македонија станува сериозна мета за инвестиции во енергетскиот сектор. Потенцијалите за ова се очигледно големи, а потврда на тоа е најавата за потенцијална мега-инвестиција вредна една милијарда евра. Станува збор за „Казанџи“ Холдинг, групација од Турција, која изразила интерес да инвестира кај нас. Деталите за ова ќе ги соопшти премиерот Христијан Мицкоски попладне на заедничка прес-конференција на која ќе присуствува и претставник на „Казанџи“ Холдинг Групација.

Од она што може да се види на профилот на компанијата, станува збор за сериозен играч во енергетиката. „Казанџи“ Холдинг е формирана во педесетите години на минатиот век и освен со енергетика, се занимава со земјоделие и туризам. Главното седиште се наоѓа во Истанбул, а вработува 18 илјади луѓе. За каков профил станува збор, доволно отсликува фактот дека во 2022 година на пример, обртот на групацијата изнесувал 5 милијарди евра.

Најавата за можно инвестирање на „Казанџи“ Холдинг е само потврда на интересот кај инвеститорите за работење во Македонија. За потсетување, лани ја завршивме годината со рекордно ниво од една милијарда инвестиции. Годинава, според најавите на владата, треба да биде уште подобра на овој план.