Откако Уставниот суд го укина застарувањето како можност за ненаплата на долговите бројот на барањата за извршување е зголемен за 10 илјади предмети, вели претседателката на Комората на извршителите, Весна Деловска

Извршителите се соочуваат со експанзија од барања за извршување на долгови од брзи кредити. А затрупани се и со стари барања за стари комунални услуги кои сочинуваат дури половина од вкупниот број. Откако Уставниот суд го укина застарувањето како можност за ненаплата на долговите бројот на барањата за извршување е зголемен за 10 илјади предмети, вели претседателката на Комората на извршителите, Весна Деловска, објави МРТ.

И покрај лошата перцепција на јавноста за извршителите, анализите на реномираниот Дуинг бизнис покажале дека иако 28,8 отсто од целото побарување му припаѓаат на извршувањето, сепак 16,7 отсто од нив не се за извршителите туку се за адвокатите. Затоа е важно јавноста да знае дека не се профитери, или лихвари, туку јавни извршители, додава Деловска.

Во 2023 година, имало над 100 илјади ново примени барања за извршувања, а останатите 70.540 предмети се предмети кои ги имаат наследено новоименуваните извршители од извршителите чија должност престанала. Во оваа извештајна година бројот на завршени предмети од страна на извршителите се 64.010 предмети и проценот на реализација изнесува 37,46 отсто. Вкупниот износ на наплатени средства од извршување кои извршителите го наплатиле во 2023 година изнесува околу 160 милиони евра. Врз основа на добиените податоци од кварталните извештаи за 2023 година, според структурата на доверителите, извршителите во полза на државата наплатиле вкупен износ од 4 милиони евра. Воедно, во истиот период, назад во стопанството се влезени вкупно 132,3 милиони евра, додека пак во полза на физичките лица – доверители реализирани се 25 милиони евра.

Според Извештајот за работата на Комората на извршители за 2023 година, во земјава имало 95 извршители, кои се распоредени на 11 подрачја на основните судови во Република Македонија. Вкупниот број на вработени лица во извршителските канцеларии, не вклучувајќи ги извршителите и волонтерите, пред две години изнесувал 327.