Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши денеска одржа прес-конференција на која информираше за мерките кои ги донесе министерството за економија и труд со цел заштита на стандардот на граѓаните.
„Министерството за економија и труд и Владата континуирано носат мерки и креираат политики со цел заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата. На почетокот на оваа недела Собранието на предлог на група пратеници ги изгласа измените на Законот за заштита на потрошувачите“, информира Дурмиши.
Со овие измени трговците, појасни тој, почнувајќи од средината на април ќе имаат задолжителна обврска да ги објават цените на сите производи на своите интернет страници.
„Законот кој очекуваме деновиве да биде објавен во Службен весник предвидува во рок од 45 дена од денот на влегувањето на сила на истиот трговците на своите веб страни да ги објават цените на сите производи кои ги продаваат во своите продавници“.
Според него, во наредните 10 дена ќе бидат објавени и правилниците кои ќе пропишуваат на кој начин ќе се објавуваат цените од страна на трговците. Со овие законски измени Дурмиши очекува поголема транспарентност на цените во маркетите, подобрена конкуретност и намалување на цените.
Граѓаните, вели тој, сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари, ќе знаат за секој производ во кој маркет по која цена се продава еден ист производ. Според него, ваквата мерка ќе донесе до зголемување на конкурентноста помеѓу трговците, и намалување на цените на производите. Потрошувачите ќе бидат целосно информирани за тоа кој производ колку чини кај кој трговец.
Овој закон, како што појасни, се однесува на мали, средни и големи трговци, со што се исклучуваат микротрговците и трговците поединци, односно маалските дуќани.
Потсети дека законската измена следи откако минатата недела Владата по предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на маржите на 102 групи на основни прехранбени производи и средства за хигена и ограничување на цените на 8 групи на најосновни прехранбени производи.
Двете мерки се веќе на сила и ќе траат заклучно со 30 април, односно ќе бидат опфатени и двата празника, Рамазан и Велигден.
„Државниот пазарен инспекторат е на терен и инспекторите постапуваат по одлуката дали маркетите ги усогласиле своите цени на полиците. До крајот на оваа недела е предвидено да се направи надзор на над 1000 трговски објекти низ државата по што Државниот пазарен инспекторат ќе излезе со податоци за евентуално непочитување на истата од страна на одредени маркети. Казните се движат од 500 до 10.000 евра па и до затварање на маркетите во траење од 15 дена. Очекувањата се дека цените ќе се намалат во просек околу 10%, со што ќе влијаеме на стабилизирање на инфлацијата и заштита на стандардот на граѓаните“, истакна Дурмиши.