Кина ќе воведе дополнителни царини од 10 до 15 отсто за одредени производи од САД почнувајќи од 10 март како одговор на новите американски царини, соопшти денеска кинеското Министерство за финансии.

Како што пренесува NBC News, ова е одговорот на Кина на дополнителните царини од 10 отсто што ги воведоа САД за нивните производи, кои стапија на сила на полноќ по источно време. Кина најави дека „ќе преземе контрамерки за одлучно да ги заштити своите права и интереси“.

Царините наметнати од САД се надополнуваат на оние што американскиот претседател Доналд Трамп го воведе на сите кинески увозни производи на 4 февруари, повикувајќи се на меѓународната трговија со фентанил и хемикалии за нелегални дроги, кои често потекнуваат од Кина.

Кина, еден од најголемите трговски партнери на Америка, одговори на првите царини со објавување на сопствени давачки за американските производи, вклучувајќи јаглен, течен природен гас, сурова нафта и земјоделски машини.

Кина тврди дека двете земји соработувале во борбата против дрогата и постигнале значителни резултати, нагласувајќи дека САД го користат фентанилот како изговор за воведување дополнителни царини за кинеските производи.

„Овие царини нема да ги решат внатрешните проблеми на САД и ќе ја нарушат економската и трговската соработка меѓу Кина и САД, како и нормалниот меѓународен трговски поредок. „Кина ги повикува САД да ги почитуваат правата на другите земји и веднаш да ги повлечат овие неразумни и штетни царински мерки“, рече портпаролот на кинеското Министерство за трговија, пренесе Танјуг.