Пелагониските сточари се револтирани што сѐ уште државата не им ги исплатила целосно ланските субвенции. За предаденото млеко добиле само за 6 месеци од 2024 година, додека пак од 12 илјади денари по грло добиток, исплатени им се само 4.000 денари. Тони Петровски од битолското село Велушина вели дека веќе се соочува со финансиски проблеми, затоа што не може да обезбеди сточна храна, ниту пак да ја планира пролетната седиба.

Треба да знаеме дали ќе ги добиеме и кога, потребни ни се средства за да почнеме со пролетната сеидба, да почнеме со прихрана на житните култури, да ги подготвиме површините со луцерка, но немаме никаков одговор, вели Петковски.

Млекопроизводителите се жалат дека годинава намалени им се субвенциите, а откупната цена на млекото две години е иста. Во просек добиваат по 30 денари за литар, иако малопродажната цена на млекото и млечните производи постојано расте.

Млекарниците го поскапуваат млекото само во маркетите. Литар јогурт од кај нас го земаат со 4-5%  масленост, а го продаваат со масленост од 2,8 или 3,2 %, значи обезмастено, од литар млеко прават два литри. Го продава 90 денари, а ни го откупува по 30 денари, не е тоа исправно, вели Борче Бучински, сточар од Могила.

Велат дека млекопроизводството е веќе неисплатливо за нив, што покажува и драматичното намалување на сточниот фонд во Пелагонија, тенденција која не запира.

Тука во Пелагониско има 4-5 фарми по 20 грла добиток кои се во план да ги продадат и тие фарми ќе се затворат. Нема да се произведува сурово млеко, затоа што со оваа цена на храната и со оваа производна цена на млекото нема опсатанок, вели Петковски.

Безуспешни останаа обидите на Телма да добиеме одговор од Министерството за земјоделство кога млекопроизводителите од Пелагонија ќе ги добијат заостанатите субвенции.

Премиерот Мицкоски вчера кажа дека во последните две недели на сточарите и пчеларите им се исплатени 240 милиони денари и додаде дека земјоделците се приоритет на оваа Влада.

Но, пелагониските сточари и натаму ги очекуваат заостанатите субвенции од лани кои им доцнат со месеци.