Премиерот Мицкоски во саботата најави ново задолжување од 500 милиони евра што ќе го земе Владата, а ќе биде наменето за реконструкција на локални, регионални и експресни патишта.

„Бидете спокојни, ќе дознаете“.

Вака премиерот Христијан Мицкоски во саботата најави ново задолжување од 500 милиони евра што ќе го земе Владата, а ќе биде наменето за реконструкција на локални, регионални и експресни патишта.

„Ќе се поврзуваат општина со општина со локални и регионални патишта“, рече Мицкоски за време на посетата на општина Студеничани.

Новиот заем од половина милијарда евра ќе биде земен од европска држава, но премиерот Мицкоски не откри од која – дали тоа ќе биде повторно Унгарија од која актуелната влада веќе позајми една милијарда евра со камата од 3,25 отсто, или од некоја друга, за сега е тајна.

Но што ќе значи ова позајмување за јавниот долг?

На крајот на минатиот месец ММФ по завршување на редовниот годишен преглед, во прелиминарната изјава препорача меѓу другото, дека е потребна „веродостојна фискална стратегија за да се доведе долгот на надолна патека“.

Од една страна, како што наведува ММФ, буџетскиот дефицит го надмина плафонот од 3 проценти од БДП во фискалните правила, додека јавниот долг е во нагорен тренд и надмина 60 проценти од БДП во 2024 година – 14 процентни поени над нивото пред пандемијата.

„Клучна е веродостојната фискална стратегија за враќање на усогласеноста со фискалните правила, за зачувување на кредибилитетот за одржување на пристапот до меѓународните пазари на капитал, за создавање простор за инвестиции и зајакнување на отпорноста на идните шокови“, препорача ММФ.

Сигурно е дека јавниот долг ќе се зголеми со новото задолжување, но колку, тоа ќе се знае во моментот на задолжувањето.

Интересно е што меѓународните финансиски институции и македонската влада имаат различни оцени за нивото на јавниот долг. Така на пример, минатата недела претставникот на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска презентираа сосема различни податоци за нивото на јавниот долг во однос на домашниот бруто-производ.

„Јавниот долг во Република Северна Македонија значителни се зголеми и сега е на 62,4 проценти од БДП што е 14 проценти над нивото од пред пандемијата. Ова се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата кои во просек изнесуваат 5 проценти годишно“, рече директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија Масимилијано Паолучи на презентација на „Фискално управување во ЕУ и улогата на Фискалниот совет“ пред членовите на собраниските комисии за финансирање и буџет и за економски прашања, труд и енергетска политика.

Тој предупреди дека воведување на фискалните правила без политичка волја за нивно спроведување не може да гарантира одговорни фискални политики.

„Има простор за дебата како функционираат, дали функционираат и се надеваме дека некои од тие прашања ќе ги дискутираме“, рече Паолучи.

Истиот ден, на отворањето на Конференцијата посветена на Фискалното управување на ЕУ и улогата на Фискалниот совет, во организација на Фискалниот совет, министерката Димитриеска Кочоска рече дека Министерството за финансии силно опстојува на напорите за фискална консолидација која е дефинирана со Фискалната стратегија 2025-2029.

„Во 2024 година реализиравме буџетски дефицит понизок од проектираниот со ребалансот на Буџетот за 2,5 милијарди денари, односно ниво од 4,4% од БДП наместо проектираниот од 4,9%. Јавниот долг на крајот на 2024 беше понизок од проектираниот и годината ја завршивме со јавен долг на ниво од 61,9% од БДП, а веќе од јануари 2025 година тој е под 60% од БДП, односно 58,4% од БДП по успешно реализираната отплата на Еврообврзницата издадена во 2018 година.

Таа додаде дека со Буџетот за 2025 година тој тренд на фискална консолидација продолжува и дека патоказот за постигнување на фискална консолидација е Законот за буџети, со кој се утврдени и фискални правила.

Сепак, прашање е колку со новото задолжување што го најави премиерот Мицкоски, ќе може да се опстои на определбата за фискална консолидација и за почитување на фискалните правила за 3 отсто од буџетски дефицит и ниво на јавен долг од 60 отсто од БДП.

Само за потсетување, минатата година новата влада се задолжи вкупно една милијарда евра од унгарската влада со камата од 3,25 отсто. Половина од тој износ, односно 500 милиони евра беа наменети за отплата на еврообврзницата земена во 2017 година, со што практично се рефинансира стар долг.

Другата половина беше поделена на два дела – 250 милиони беа наменети за финансирање на проекти во општините за капитални инвестиции, а останатите 250 милиони евра за кредити за компаниите.

И двата проекти наидоа на поделени реакции – од една страна делот за општините се толкува и како предизборна мерка во пресрет на локалните избори годинава, а за компаниите спорно е тоа што каматата што ќе ја плаќаат кон банките е исклучително поволна – само 1,95 отсто, но делот што ќе се враќа кон Унгарија 0д 3,25 отсто, практично ќе се субвенционира од Буџетот, односно од сите граѓани и фирми даночни обврзници. Исто така, поделени беа и мислењата поради промена на условите, наместо првичните најави за финансирање на производство, и опрема, сега средствата ќе може да се искористат и за изградба на трговски центри, но и за други намени.