Законски, износот на минималната плата треба да се утврди на Економско-социјалниот совет, а тој во моментов е парализиран.
Минималната плата за март оваа година, што ќе се исплатува од април, ќе изнесува околу 24.400 денари, односно за околу 2.200 денари повеќе во однос на досегашната. Ова денес го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашања на новинарите по поставување на камен темелник на мега-паркот со плоштад во населба Радишани.
Тоа значи дека, барем засега, паѓа во вода барањето на Сојузот на синдикати за минимална плата од 500 евра, но останува нејасно и како ќе се донесе одлука за минималната плата според постојниот закон, бидејќи во него се вели дека и за законското усогласување е потребно мислење на Економско-социјалниот освет, кој во моментов практично е парализиран, бидејќи сѐ уште не е утврдена репрезентативност на синдикатот.
Запрашан кога ќе биде закажана седницата на Економско-социјалниот совет и дали ќе се разговара за минималната плата, бидејќи е веќе 25 март и треба да се одреди висината на минималецот, Мицкоски рече дека за денес е закажана владина седница на која ќе стане збор и за ова прашање.
„Јас разговарав со министерот за економија и труд, денеска ќе поминеме информација согласно законот, мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400 денари, така е според законот. Сега немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам тој што ќе биде или тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците, заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние рековме тој консензус што ќе го постигнат ние ќе го почитуваме“, рече Мицкоски, појаснувајќи дека зголемувањето што ќе се исплати со мартовската плата што ќе се исплати во април ќе изнесува отприлика 2.200 денари повеќе во однос на сегашната минимална плата.
Запрашан, што доколку работниците и работодавачите постигнат договор во април или мај за поголем износ на минималната плата, тој рече: „Нема проблем, ние ќе го промениме законот и ќе влеземе во дополнително нивелирање“.
Инаку, според постојниот Закон за минимална плата, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за март секоја година се усогласува со: 50% од порастот на просечно исплатената нетоплата во Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика, и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Исто така, се вели дека висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Но исто така, во законот има и одредба во која се посочува дека министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за март во тековната година, што во овој случај, не е сторено, бидејќи во Економско-социјалниот совет сѐ уште нема одредено кој синдикат ќе учествува поради тоа што не е определена репрезентативност на синдикатот.