На 27 март, во Њујорк, свечено ќе биде означен стартот на Американско-Балканската Трговска Комора (ABCC), чија цел е да ги зацврсти економските односи и деловните можности меѓу Соединетите Американски Држави и балканскиот регион.

Комората ќе служи како важен мост кој ќе ги спојува американските фирми со Балканот, а истовремено ќе им дава поткрепа на балканските компании кои имаат амбиција да навлезат на американскиот пазар.

“Основањето на Американската Балканска Стопанска Комора претставува важен чекор во трансатлантската трговија”, изјави г-ѓа Елиза Пренџов, претседател на ABCC.

Според неа, балканскиот регион нуди големи перспективи за американските претпријатија, додека пазарот во САД претставува значителен потенцијал за балканските компании. “Нашата мисија е да помогнеме во оваа соработка и да создадеме долгорочни партнерства”, додаде Пренџов.

Во известувањето од организацијата се наведува дека основните дејности на ABCC ќе вклучуваат: промовирање и олеснување на инвестиции, трговски мисии и бизнис делегации, советодавни услуги за влез на пазарот, мрежни настани и деловни средби, поддршка за политики и регулаторни насоки, едукативни програми за бизнис и промоција на туризмот.

Комората започнува со работа со познати и успешни членови од американски и балкански компании, од различни индустрии кои ја одразуваат големата заинтересираност за зајакнување на економските релации помеѓу овие региони.

Инаугуративниот настан ќе се одржи во Њујорк на 27 март 2025 година, а на него ќе има и панел дискусии фокусирани на стратегиите за влез на пазарот и меѓукултурни бизнис практики.

Американската Балканска Стопанска Комора (ABCC) е непрофитна организација чија цел е унапредување на трговијата и инвестициите меѓу Соединетите Американски Држави и земјите во балканскиот регион.

“Комората ќе биде од помош на бизнисите, од стартапи до мултинационални корпорации, обезбедувајќи ресурси и врски за успех на двата пазара”, се истакнува во соопштението од организацијата.