Министерството за економија работи на законски измени во однос на работењето на угостителските објекти, со што ќе се зголемат казните за оние кои не ги почитуваат условите за функционирање. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, не знае колкави ќе бидат новите казни, но истакнува дека ќе се вратат казните од претходниот закон.

„Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се изврши пред издавањето на дозволата за работа. Со тоа, апликацијата за исполнување на минималните технички услови за вршење на угостителската дејност, пред да биде поднесена како придружен документ во барањето за лиценца, ќе треба да добие потврда за автентичност од Државниот пазарен инспекторат“ – Бесар Дурмиши.

Досега, вистинитоста на информациите или исполнувањето на сите технички услови за работа ја потврдуваше самиот подносител на барањето преку изјава заверена кај нотар. Дурмиши информираше дека по трагедијата во Кочани биле спроведени 116 вонредни надзори врз угостителски објекти, при што биле изречени 10 забрани за работа на кафулиња и клубови, а 15 од 23 субјекти кои имаат лиценца не ги исполнуваат минималните технички услови. За шест субјекти кои немаат лиценца или им е истечена, биле изречени забрани за вршење дејност, а издадени се повеќе од 60 казни.