Откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за увоз на автомобили и лесни камиони произведени надвор од САД, акциите на повеќе светски автопроизводители почнаа да паѓаат. Акциите на „Џенерал моторс“ паднаа за осум отсто, а акциите на „Крајслер“, т.е. неговата матична „Стелантис“ и на „Форд“ паднаа за 4,5 отсто.

Пад на акциите има и во Азија, освен во Кина. Целта на Трамп со зголемување на давачките за увоз на автомобили е да се поттикне производството во САД, но американските фабрики набавуваат многу од нивните компоненти од целиот свет.

Зголемувањето на даноците треба да започне во април, па производителите на автомобили би можеле да се соочат со повисоки трошоци и помала продажба, иако Трамп тврди дека тарифите ќе доведат до отворање на повеќе фабрики во САД, со што ќе се стави крај на, како што вели, „смешниот“ синџир на снабдување автоделови и готови возила низ САД, Канада и Мексико.

Во минус се и европските берзи. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази жалење за ваквиот потег на Трамп.

„Царините се даноци, лоши за компаниите, уште полоши за потрошувачите, во САД и ЕУ“, рече таа.

Бразилскиот претседател смета дека зголемувањето на цената може да резултира со зголемување на инфлацијата и зголемување на каматните стапки. Кина, пак, најави поактивни макро политики.

„Од она што го знам, Соединетите Држави увезуваат многу јапонски автомобили и, исто така, имаат многу производствени локации на јапонски компании. Искрено, не знам каква е придобивката од зголемувањето на автомобилите купени од Јапонија за 25%“, рече Луис Инасио Лула да Силва, претседател на Бразил.

„Ќе спроведеме поактивни макро политики, ќе ја прошириме домашната побарувачка на сеопфатен начин и активно ќе ги стабилизираме надворешната трговија и странските инвестиции“, рече Динг Ксуексианг, кинески вицепремиер.

Акциите на  јапонските „Тојота“, „Хонда“ и „Хјундаи“ паднаа за околу 3%. И акциите на компанијата „Тесла“ на милијардерот Илон Маск веќе бројат загуби од околу 5,5% од својата вредност. Сепак, генералниот менаџер на Тесла со оценка дека влијанието на трошоците не е тривијално, но признава дека ова ќе влијае на цената на деловите во автомобилите на Тесла кои доаѓаат од други земји.