Европските компании кои произведуваат кафе се загрижени дека би можеле да бидат следната цел на новите американски давачки, што би резултирало со дополнителен пораст на цените на овој производ, кои веќе се на рекордно високо ниво.
Италијанската фирма Illycaffè објави дека ја разгледува можноста одреден дел од кафето наменето за американскиот пазар да се пече директно во САД, со цел да се избегне евентуално зголемување на трошоците.
“Анализираме дали можеме дел од кафето што го продаваме во САД да го произведуваме таму”, изјави извршната директорка Кристина Скочија, додавајќи дека се надева дека нема да биде неопходно да се прибегне кон таква мерка. “Изградбата на нова производна линија трае две години, па затоа разгледуваме можност за користење на веќе постоечки капацитет”, додаде таа, според порталот „Бизнис“.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека Европската Унија е подготвена да реагира доколку САД воведат нови трговски мерки: “Европа не ја започна оваа конфронтација. Имаме сè што ни е потребно да го заштитиме нашиот народ и нашата економија”, изјави таа.
Поради зголемените трговски тензии, не е чудно што одредени производители – особено во премиум сегментот на кафе – настојуваат навреме да се прилагодат.
Цената на суровата арабика, главна состојка во мешавините за мелење и печење, оваа година е зголемена за повеќе од 20 проценти, откако минатата година веќе забележа скок од 70 проценти поради невидената суша во Бразил – најголемиот светски производител.
Аналитичарите предвидуваат дека цената на кафето во малопродажба оваа година би можела да порасне за 25 проценти.